Светската фудбалска асоцијација – ФИФА денеска му ја изрече казната на Суарез за гризењето на Џорџо Кјелини.
Уругвајскиот репрезентативец доби забрана за било каква активност поврзана со фудбалот во следните четири месеци и суспензија од девет натпревари за репрезентацијата.
Со ваквата одлука на ФИФА, Светското првенство во Бразил е завршено за еден од најдобрите фудбалери на Уругвај.
Казната Суарез ќе почне да ја одработува веќе од осминафиналето од Мундијалот што ќе го игра Уругвај против Колумбија, а ќе продолжи да важи на уште осум средби на неговата репрезентација.
Временската забрана за бавење со фудбал значи пропуштање на тренинзите со неговата екипа Ливерпул, како и стартот во Премиер лигата.
Покрај оваа казна, Суарез ќе мора да плати и парична казна од 82 илјади евра.