2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОШок во Мајами, Леброн си заминува!?

Шок во Мајами, Леброн си заминува!?

lebron dzejms

Ѕвездата на Мајами Хит, Леброн Џејмс одлучи да го раскине договорот со тимот, соопштува „ESPN“. Според авторитетниот медиум менаџерот на играчот Рич Пол веќе го информирал раководството на Мајами за одлуката.

Џејмс има намера да ја искористи клаузула во неговиот договор, која му овозможува да го прекине по четвртата година и да стане слободен агент. Договорот е за период од 6 години, а според него за наредните две години играчот треба да добие 42.7 милиони долари (во сезоната 2014/15 – 20 милиони долари и за сезона 2015/16 – 22,7 милиони долари).

Џејмс има рок до 30-ти јуни, за да објави официјално дали ќе ја искористи можноста да стане слободен агент и да побара нов предизвик во кариерата, како што веднаш по крајот на сезоната самиот тој навести дека е подготвен да преземе таков чекор.

Тој се откажа од солидна сума, за да има слична клаузула во неговиот договор. Ако избере да ја продолжи кариерата во друг клуб, тој сигурно ќе си обезбеди значително подобра плата отколку што зема досега.

Многумина експерти сепак ги дефинираат активностите на 29-годишниот Џејмс како обид да го убеди раководството на Мајами“ да го засили составот за следната сезона со голема ѕвезда од рангот на Кармело Ентони. Загубата на титулата во финалето од Сан Антонио Спарс даде дополнителен поттик кон овој чекор.

Најдобриот кошаркар во светот во последниве години потпиша со „жешките“ во 2010-та година, откако помина седум сезони во Кливленд Кавалирс. Џејмс го одведе Мајами до две титули и четири финалиња во овие четири години.

Според различни шпекулации еден од главните опции за иднината на Џејмс е враќање во родниот Кливленд, кој пак ќе избира прв во овогодинешниот драфт.

Претседателот на Мајами Хит, Пет Рајли најави дека не е изненаден од одлуката на Леброн Џејмс да се искористи можноста да стане слободен агент во ова лето.

„Бев информиран за одлуката на Леброн да го раскине договорот и да стане слободен агент. Ако треба да сум искрен, јас, како и моите колеги од раководството на Мајами Хит, очекувавме тоа да се случи и дефинитивно не сме изненадени. Како што реков пред неколку дена, играчите ги имаат овие клаузули во договорите и имаат полно право да побараат подобри можности за себе. Последните четири години беа историски за Мајами, како и за нашето ѕвезденото трио – Леброн, Двејн Вејд и Крис Бош. Овие момци ги запишаа имињата со златни букви во историјата. Немам трпение да седнам на маса за преговори со Џејмс и неговите претставници и да зборуваме за можноста да продолжиме да работиме заедно. Сега, сепак, се фокусираме на Драфтот, а потоа ќе размислуваме и за други трансфери во извршување на единствената наша цел – повторно да сме шампиони во НБА“, изјави Рајли.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП