По неколкумесечни шпекулации гласините се покажаа вистинити и Баерн Минхен и официјално го објави привлекувањето на играчот на Ајнтрахт Франкфурт, Себастијан Роде.
Фудбалерот ќе се приклучи на „баварците“ како слободен агент на крајот на оваа сезона, а неговиот договор со тимот од Минхен ќе биде до 30-ти јуни 2018-та година. Тој станува втор нов фудбалер, по Роберт Левандовски кој исто така ќе го облече дресот на шампионите.
Според германските медиуми Роде бил договорен уште пред доаѓањето на Пеп Гвардиола. Токму поради оваа причина пред време 23-годишниот Роде одби да потпише нов договор со Ајнтрахт и сега си заминува како слободен агент. Уште во јануари се појавија информации за престојниот трансфер, но од Франкфурт беа категорични дека нема да пуштат фудбалерот така лесно да си замине.
„Многу сум среќен што овој трансфер стана реалност. Баерн е следниот голем чекор напред во мојата кариера. Сакам да се развивам и да освојам многу титули со идните соиграчи“, коментира Роде.
Спортскиот директор на клубот Матијас Замер е задоволен од новиот трансфер.
„Тој е одличен професионалец. Сигурен сум дека ќе помогне многу за идните триумфи на тимот“.
Себастијан Роде помина во Ајнтрахт четири сезони.