7 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПеро Антиќ во првата петорка на Хокс, се надева на плеј-оф

Перо Антиќ во првата петорка на Хокс, се надева на плеј-оф

antic

Македонскиот интернационалец во дресот на Хокс вели дека има огромна поддршка од тренерот Мајк Баденхолзер и од соиграчите.

По повредата на ѕвездата на тимот, Ал Хорфорд, Перо Антиќ се наметна во првата петторка и речиси секој
натпревар го завршува со двоцифрен број на поени.

– Никој не очекуваше дека вака ќе тргне сезоната, задоволен сум, и продолжувам со ист ритам, вели Антиќ за Гласот на Америка на македонски.

Минутажата на паркетот зависи од противникот, а последниот збор го има Баденхолзер.

За односот со него, Антиќ потенцира: – Тренерот беше главната причина да дојдам во НБА. Да те
побара тренер, многу значи. Ме гледал за време на Фајнал фор во Евролигата и на Европското првенство 2011-та. Му се допаднало како играм. Имам голема поддршка од него. Дури и самиот прифаќа совети, прашува за некои акции, на пример, како би одиграле во Европа.

Атланта западна во опасност да не се пласира за плеј-оф натпреварите поради редицата повреди, но Антиќ смета дека не е се загубено.

– Остануваат уште 10-тина натпревари, ќе го дадеме максимумот. Треба да дадеме се од себе на теренот и да одиграме заедно, вели македонскиот интернационалец.

Во февруари беше избран да игра на „Ол-стар“ натпреварот во Њу Орлеанс, во категоријата на играчи кои постигнале најголем напредок.

За 31-годишниот центар, истовремено и „руки“ во НБА, тоа има повеќекратно значење: – Многу значи. Пред се, да го видам националното знаме на отворањето на главниот натпревар „Исток-Запад“ е голема чест за мене и за Македонија. Никој не очекуваше дека со 31-на година ќе бидам на тој ол-стар меч. По повредата, и довербата што ја добив од тренерот, одиграв супер цел месец и мислам дека заслужено ја добив поканата од тренерите и гласовите да учествувам на тој натпревар. Штета што поради повредата не играв, но сепак ме повикаа да бидам дел од тимот, раскажува Антиќ.

Иако новиот селектор на македонската репрезентација Александар Џинкиќ најави дека не се откажува од играчите што беа столб на селекцијата, Антиќ вели: – Мислам дека 99 проценти не би можел да ме предомисли поради тоа што и оваа сезона имав проблем со повредите. Како прво, со стапалото. Имав и операција. Иако мала фрактура, незначителна, но сепак и тоа е повреда. Сакам да го одморам телото. Со играчите од репрезентацијата ќе ме имаат како поддршка на трибините, на тренинзите, но многу потешко е дека ќе учествувам на натпреварите.

Вели, барем засега, размислува да остане уште година во НБА, иако не исклучува да се врати во Европа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП