Напаѓачот на Манчестер Јунајтед Робин ван Перси има клаузула во својот договор, според којa Холанѓанецот може да преговара со други клубови, во случај aко „црвените ѓаволи“ на крајот на сезоната не се најдат меѓу првите четири екипи.
Оваа информација, за која засега нема никаква официјална потврда, ги зајакнува уште повеќе гласините дека најдобриот стрелец на Премиерлигата за изминатата сезона може да го напушти „Олд Трафорд“ во текот на летото, бидејќи не се разбира најдобро со новиот менаџер Дејвид Мојс.
Во оваа сезона Ван Перси, кој имаше проблеми со повредите, не може да се врати во формата од минатата година. Во август тој ќе наполни 31 години и самиот смета дека ова е последна шанса да си обезбеди трансфер во друг голем клуб.
Реал Мадрид, Јувентус, Интер и Монако се меѓу потенцијалните кандидати за потписот на Холанѓанецот. Но многу веројатно е дека сепак Ван Перси претпочита да остане во Англија. Пред извесно време се зборуваше за неговото евентуално враќање во Арсенал. Но и Челзи и Манчестер Сити ја следат ситуацијата околу напаѓачот.