28-годишниот англиски репрезентативец Вејн Руни потпиша нов 5 -годишен договор со Манчестер Јунајтед. Така тој се обврза со клубот до јуни 2019-та година и ќе заработува по 300.000 фунти неделно. Досегашниот договор на напаѓачот беше за 250.000 фунти неделно.
Руни пристигна од Евертон во летото 2004-та година и е на само 42 гола од тоа да го подобри рекордот на Боби Чарлтон од 249 гола за „црвените ѓаволи“. Англискиот репрезентативец одигра 430 натпревари во сите натпреварувања за Јунајтед, а притоа во листата на стрелците се запиша 208 пати.
Руни беше блиску до напуштање на „Олд Трафорд“ во минатото лето, откако Сер Алекс најави дека играчот сам побарал трансфер, нешто што подоцна фудбалерот го демантираше.
Напаѓачот оваа сезона во дресот на „ѓаволите“ настапи на 28 натпревари, а притоа 11 пати ги тресеше противничките мрежи.