2 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗToyota тестира безжични полначи за хибридните возила

Toyota тестира безжични полначи за хибридните возила

toyota bezicni

„Toyota“ развива нов, безжичен систем за дополнување на батеријата во своите модели со електричен и хибриден „Plug-in“ погон. За почеток во пробното тестирање во Јапонија ќе бидат опфатени три „Plug-in“ хибридни автомобили, а предвидено е во иднина безжичните полначи да се најдат во комерцијална употреба.

Тестираните примероци ќе бидат користени секојдневно во вообичаени услови на експлотација, а целта е да се дојде до информација како во пракса функционираат безжичните полначи, колку се лесни и практични и колку корисниците се задоволни од нив.

Технологијата која се користи му овозможува на возачот на едноставен начин да ја дополни погонската батерија на својот хибриден автомобил, така што ќе го паркира возилото на точно одредена позиција каде што ќе се наоѓа уредот за безжично полнење. Тоа би требало да ја поедностави процедурата за дополнување на батерија, затоа што повеќе нема да биде потребно автомобилот да се поврзува со приклучок со помош на кабел.

Системот на „Toyotа“ функционира така што електричната енергија се пренесува безжично користејќи магнетна резонанца која настанува со промените во интезитетот на магнетното поле меѓу калемот и проводникот кој се наоѓа во подот на автомобилот. Како што велат во јапонската компанија, системот е дизајниран така што максимално ќе се намали загубата при пренесувањето на електричната енергија.

Со оглед дека е неопходно возилото при полнењето на батеријата да се најде точно над полначот, „Toyota“ во  автомобилите кои се тестираат вгради и систем за асистенција при паркирањето за да може возилото прецизно да се позиционира во однос на полначот.

Јапонскиот производител засега не соопшти кога овој систем ќе се најде во јавна употреба.

Слична технологија за безжично полнење на батериите во автомобилите развива и „Volvo“, кој оваа технологија веќе ја тестираше во пракса.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП