Навивачи на „Ферари“ од сите делови на светот денеска пристигнуваат пред болницата во Гренобл да го одбележат 45.роденден на седумкратниот светски шампион во Формула 1 Михаел Шумахер.
Од „Ферари“ ги повикаа фановите на германскиот возач, во боите на тимот да се појават пред болницата каде Шумахер се бори за живот и во тишина и со почит да му дадат поддршка на великанот во овој спорт.
– Во овој тежок момент, по повод роденденот на Михаел сакаме да ја изразиме својата поддршка преку еден умерен собир пред болницата во Гренобл. Се ќе биде во црвено, упатија порака преку Фејсбук од таборот на „Ферари“.
Шумахер и натаму е во кома по неделниот пад на скијање. Над него извршени се две операции на главата, состојбата изминативе два дена му е стабилна, но тој се уште се наоѓа во критична фаза.