ПочетнаИНТЕРЕСНОЗавршни подготовки за светското универзитетско карате првенство во Бразилија

Завршни подготовки за светското универзитетско карате првенство во Бразилија

Македонската универзитетска репрезентација ги привршува последните подготовки пред настапот на Светското универзитетско првенство во карате, кое од 8 до 13 јуни ќе се одржи во Бразилија, во организација на FISU. На шампионатот се очекува учество на околу 1.500 студенти-спортисти од повеќе од 40 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот. 

– Нашите каратисти изминатиот период работеа интензивно на техничко-тактичка подготовка, физичка кондиција и психолошка стабилност, со цел достојно да ги претстават македонските универзитети и државата на највисокото светско студентско ниво. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а спортистите покажуваат висока мотивираност и подготвеност за предизвиците што ги носи светската конкуренција. Настапот во Бразилија претставува можност за афирмација на македонското универзитетско карате и стекнување драгоцено меѓународно искуство – изјави Бошко Заборски.

Очекувањата се македонските претставници да настапат борбено, дисциплинирано и со максимално залагање на татамито, следејќи ги највисоките стандарди на светското карате. Спортистите имаат одлично расположение и покажуваат добра спортска форма за настап на најелитниот натпревар за оваа година. Светското универзитетско првенство се одржува секои две години. Натпреварите ќе се одвиваат според правилата на World Karate Federation, а конкуренцијата ќе биде составена од најдобрите студентски каратисти од сите континенти. 

На подготовките присуствуваат следните спортисти од универзитетите: Рудина Алиу (55 кг.), Реса Мустафиу (+68 кг.) и Реџеп Рушити (-84 кг.) – „Мајка Тереза“; Јована Мицовска (-61 кг.), Вукашин Јовановиќ (-67 кг.), Данило Божовиќ (-84 кг.) и Витомир Трајковски – „Св. Кирил и Методиј“; Викторија Јовановска (-61 кг.) и Стефан Стојановиќ (+84 кг.) – Факултет за Туризам-Скопје; Љупче Михаилов (-75 кг.) – „Гоце Делчев“ – Штип.

Покрај селекторот Бошко Заборски, репрезентацијата ќе ја придружуваат и тренерите Иван Тиосавлевиќ (кондициски) и Петар Заборски.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП