Младиот пијанист Андреј Цековски, ученик во V одделение во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, под менторство на професорката по пијано Марија Диманин-Богоевска, ја освои Првата награда на престижниот меѓународен натпревар International Youth Music Competitions, во категоријата „USA Classical Hobbyist“, кој се одржа во март годинава.
Со својот впечатлив настап, Андреј се издвои меѓу учесници од повеќе земји ширум светот, демонстрирајќи исклучителна музикалност, техничка прецизност и уметничка зрелост. Овој успех претставува значајно меѓународно признание за неговата посветеност и љубов кон класичната музика.
„Андреј покажа редок музички сензибилитет и зрелост за својата возраст, оставајќи силен впечаток врз жирито“, се наведува во образложението на организаторите.
Како дополнително признание за освоениот успех, Цековски е официјално поканет во септември годинава во Њујорк, каде што ќе ја прими наградата и ќе настапи на свечениот концерт на победниците.
На натпреварот учествуваа млади музички таленти од Австралија, Канада, Кина, Полска, Украина, Турција, Соединетите Американски Држави и од многу други земји. Освоената Прва награда уште еднаш го потврдува исклучителниот талент и меѓународниот потенцијал на Андреј Цековски на современата музичка сцена.



