Повеќе од две децении по нивниот последен студиски албум, македонскиот рок состав Архангел официјално се враќа со нова музика. Со објавувањето на синглот „Дни оловни“, чиј автор на музиката и текстот е фронтменот Ристо Вртев, бендот го најавува своето петто дискографско издание во пресрет на големиот самостоен концерт „Срцевина“, закажан за 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје.
Звукот и лириката на „Дни оловни“ носат специфична тежина и симболика. Песната концептуално го поврзува почетокот на 44-годишната кариера на Вртев со нејзиното денешно продолжение. Синглот е одраз на уметничката зрелост на авторот, притоа задржувајќи ја во целост бескомпромисната автентичност на музичкиот и лирскиот израз кој е заштитен знак на Архангел. Преку овој континуитет, Архангел докажува дека остриот израз на бендот останува подеднакво релевантен и денеска.

