Една од најуспешните македонски каратистки, Ангела Мојсовска, која беше прогласена за најдобра каратистка за 2025 година, како и една од најдобрите спортисти на град Скопје, објави дека нема да настапи на претстојното Европско првенство иако за тоа обезбеди норма. Мојсовска, долгогодишна репрезентативка на Македонија и носителка на бројни признанија и член на карате клубот „Макпетрол“ истакна дека одлуката ја донела по внимателно размислување и врз основа на своето искуство од настапите на меѓународната сцена. Таа нагласи дека и покрај тоа што на последното државно првенство повторно освоила прво место, како во поединечна така и во екипна конкуренција, сепак, решила да се повлече од настапот на Европското.
Како главна причина за ваквиот чекор, Мојсовска го посочува незадоволството од начинот на кој била водена репрезентацијата од актуелниот селектор, особено за време на последното Светско првенство и претходните натпревари организирани од Светската карате федерација. Според неа, пристапот во водењето на тимот не бил на соодветно ниво, што во одредени ситуации имало директно влијание врз конечните резултати, па дури и можноста за освојување медал.
– За секој спортист е клучно да има доверба и професионален однос со оние кои го водат тимот. Во овој момент, тие услови за мене не се исполнети, истакнува Мојсовска и додава дека ваквата состојба се одразила и врз резултатите на женскиот тим, при што, како што наведува, не биле постигнати очекуваните успеси.


