Тимот на „Google“ за „Android LLVM“ алатки објави воведување на функција наречена Автоматска оптимизација насочена кон повратни информации (AutoFDO) во самото јадро на „Android“, што би можело да донесе огромен скок во перформансите на системот.
„AutoFDO“, кој за прв пат беше воведен во „Android 12“ (во 2021-ва година), е техника за оптимизација базирана на земање примероци. Користи податоци за извршување од реалниот свет, собрани директно од хардверски монитори, за да ги води одлуките на компајлерот. На овој начин, статичката анализа се заменува со профили што ја одразуваат вистинската употреба на уредот. Функцијата е слична на технологијата „PGO“ (Оптимизација водена од профил) што веќе се користи во „Windows“ и „Linux“, како и во апликациите на „Google“ базирани на „Chromium“.
Според „Google“, овој пристап му овозможува на компајлерот полесно да ги идентификува патеките на „жешкиот“ код – оние што се извршуваат најчесто – и да ги оптимизира соодветно. Овие профили се создаваат во контролирани лабораториски услови со извршување репрезентативни работни оптоварувања, кои ги вклучуваат 100-те најпопуларни апликации. Едноставно кажано, принципот е донекаде сличен на тоа како функционира кеширањето на податоци.
„Google“ вели дека нивното истражување покажува просечно зголемување на перформансите од 10,5 проценти. Со оглед на тоа што јадрото на „Android“ зафаќа околу 40 проценти од вкупното време на процесорот (CPU), резултатите се опипливи: 4 проценти побрзо ладно стартување на апликациите и 1 процент побрзо време на стартување.
Иако овие проценти не изгледаат огромни на хартија, „Google“ тврди дека овие оптимизации се одлични за целокупното корисничко искуство, бидејќи се преведуваат во побрзо префрлување помеѓу апликациите, помазен интерфејс и подолго траење на батеријата.
Функцијата моментално е насочена кон верзиите на јадрото android16-6.12 и android15-6.6, а податоците се собрани на „Pixel“ уредите. „Google“ планира да ја прошири поддршката за поновите верзии на „Generic Kernel Images“ (GKI) и други архитектури надвор од сегашниот „aarch64“.
Со усвојување на стратегија која е „конзервативна по дифолт“, „Google“ вели дека се обидува да осигури дека „AutoFDO“ ја зголемува брзината без да ја загрози сигурноста на самиот систем.



