Во рамките на РЕсет платформата за добросостојба на „Реплек“, под мотото „За мое добро“, ќе се организира уште еден настан посветен на постигнување на добросостојба преку физичка активност. Првиот РЕсет настан во 2026 година добива едукативен карактер и означува уште една година исполнета со енергија и грижа за добросостојбата на заедницата. Наместо класична фитнес сесија, познатата инструкторка Елена Бубало ќе сподели корисни насоки и препораки за паметен пристап кон вежбањето, со фокус на техника, безбедност и свесно движење. Ова седмо издание на настанот, насловено како „Special edition – Вежбај паметно“, ќе се одржи на 31 јануари 2026 (сабота), во 11.30 часот, во салата за вежбање „Фитнес Фабрика“, лоцирана на ул. „Драган Ѓаконовски Шпато“ бр. 18, во скопската населба Карпош 1.
Кога компанијата влегува во 80+ година постоење, продолжува промоцијата на здравите навики преку физичка активност, како и практични совети за правилно вежбање. Изведувајќи ги физичките тренинзи, сигурно сте се запрашале „Дали оваа вежба ја правам како што треба“ или „Што да правам ако ми се вкочани вратот или почувствувам болка во грбот“. Одговорите на овие дилеми е подготвена да ги даде Елена Бубало на претстојното специјално издание на настанот, и тоа на разбирлив и применлив начин, без разлика дали вежбањето се одвива во сала или во домашни услови.

