Првиот преклоплив „iPhone“ пристигнува како влез на „Apple“ во сегментот на флексибилни уреди, но не во форма на класичен телефон што се претвора во таблет, туку како таблет што се преклопува во компактен формат.
Овој концепт го издвојува уредот од конкуренцијата и претставува обид да се комбинираат преносливоста и продуктивноста.
Кога е преклопен, уредот е висок 120,6 mm и широк 83,8 mm, со сооднос на страните од 9:13 и надворешен екран од 5,49 инчи. Наменет е за брзо ракување, прегледување пораки и известувања. Кога ќе се отвори, се појавува главен екран од 7,7 инчи, оптимизиран за мултитаскинг, видео содржини и апликации што бараат поголема работна површина. Сето ова наликува на пристапот на iPad mini, што го олеснува преминот за корисниците кои веќе користеле или поседуваат уреди од екосистемот на „Apple“.
Пристап сличен на таблет како клучна предност
Ултра-тенкото тело е дебело само 4,8 mm кога уредот е отворен, а интеграцијата на сензорот Touch ID во копчето за вклучување дополнително го нагласува фокусот на практичноста. Внатрешната камера е поставена под екранот, што овозможува чиста и непрекината површина без засек. Системот на задни камери припаѓа на премиум класата и го позиционира уредот како вистински водечки модел.
Одлуката на „Apple“ да ја премести DRAM меморијата од горниот дел на чипсетот на страна и да користи напредно пакување резултира со постабилна работа и подобри термички перформанси, што е особено важно кај флексибилните уреди.
Сепак, процесот на производство се покажал како исклучително сложен. Делови како комплексниот механизам на шарките предизвикале одложувања, па иако премиерата првично беше планирана за септември 2026-та година, сè почесто се шпекулира дека ќе биде поместена за 2027-ма година.
Овој пристап е насочен кон корисници на кои им е потребен помал уред, но со целосна функционалност на таблет. Затоа, флексибилниот „iPhone“ би можел да стане алтернатива на „iPad mini“, но во уште попренослива форма. Во комбинација со напреден екран, подобрени можности за повеќезадачност и силен фокус на продуктивност и забава, „Apple“ се обидува да создаде нова категорија уреди во која нема директно да се натпреварува со телефоните на „Samsung“ и „Google“, туку ќе понуди поинаков концепт.
Доколку производствените предизвици бидат надминати навреме, овој уред би можел да постави нови стандарди во светот на флексибилната технологија и да ѝ донесе предност на „Apple“ во сегмент што допрва станува масовно прифатен, пишува „Geeky Gadgets“.



