Водечки експерти од финансискиот и ИТ-секторот, ќе бидат говорници на годинешнава конференција „Finance Talks by EOS“, што ќе се одржи на 10 декември во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. На овој престижен настан, организиран од EOS Матрих Македонија, ќе се дискутира за најактуелните трендови и предизвици што ја обликуваат иднината на финансискиот сектор, а во центарот на дебатите ќе бидат иновациите во финансиските услуги, дигиталната трансформација на институциите, како и примената на напредните технологии. Годинешната конференција е насловена како „Иновации и дигитална трансформација – предизвици во планирањето на долгорочен раст и одржливост на финансиските услуги“, отворајќи една од најрелевантните теми за современиот финансиски сектор.
Настанот ќе го води д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на EOS Матрих за Македонија и Косово. На панелот ќе учествуваат Евангелија Калуптси, генерална директорка за трансформација и стратегија и член на Управен одбор на Стопанска банка АД Скопје, Александар Џорџевиќ, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Дане Крстевски, директор за информатичка технологија во Народна банка на Р.С. Македонија, и Владо Митев, главен извршен директор на ИТ/софтверската компанија IWConnect, кои ќе имаат интересни дискусии за тоа како модерните технологии, новите деловни модели и променетите очекувања на корисниците влијаат врз развојот на финансиските услуги.

