Велика Британија би можела да постигне економска добивка од 400 милијарди фунти (533 милијарди долари) доколку ги обучи вработените да користат вештачка интелигенција (AI) во административната работа, заштедувајќи повеќе од 120 часа годишно, објави денес американската компанија Google.
Најновиот извештај на компанијата за пилот-проектот покажа дека ќе бидат потребни неколку едноставни чекори, како што се давање дозвола на вработените да користат вештачка интелигенција и неколку часа обука, објави Ројтерс.
Како што наведува Google, кој го разви четботот Gemini AI, анализата на компанијата Public First, која е нивен партнер во пилот-проектот, покажа дека две третини од вработените, особено постарите жени од пониските слоеви, никогаш не користеле вештачка интелигенција на работа.
Претседателката на Google за Европа, Блискиот Исток и Африка, Деби Вајнштајн, изјави дека сите пилот-програми на AI Works, имплементирани во мали деловни средини, покажаа дека вработените би можеле да заштедат просечно 122 часа годишно со користење на вештачка интелигенција во административните задачи.
Бариерата што ги спречува некои од нив да го сторат тоа е сомневањето дека користењето на вештачка интелигенција во бизнисот не е фер или легитимно, според Ројтерс.
„Луѓето сакаат дозвола да го прават ова“, рече Вајнштајн, додавајќи дека е навистина важно да им се даде дозвола за да стекнат доверба во користењето на оваа технологија.
Пред обуката, само 17 проценти од жените над 55 години користеле вештачка интелигенција неделно, а само девет проценти од нив дневно, така што по обуката, три месеци подоцна, тој процент се зголемил на 56 проценти кога станува збор за неделно ниво, додека 29 проценти од нив стекнале навика да користат вештачка интелигенција секојдневно, пренесува Танјуг.