Јована Мицовска, членка на скопски „Макпетрол“ како дел од македонската репрезентација освои златен медал на Балканското карате-првенство. На сениорскиот шампионат што викендов се одржува во Будва, таа во финалето во категоријата до 61 килограм ја совлада Викторија Јовановска, исто така, од „Макпетрол“, со резултат 4-3. Освен злато за Мицовска и сребро за Јовановска, уште еден член на скопската екипа се закити со одличје, односно Ангела Мојсовска освои бронза.
– Задоволни сме од настапот на нашите каратистки по првиот ден на Балканското сениорско првенство. Каратистките на „Макпетрол“ кои се дел од репрезентацијата на Македонија, од три настапи освоија и три медали – еден златен (Јована Мицовска), еден сребрен (Викторија Јовановска) и еден бронзен (Ангела Мојсовска). Особено сум задоволен од пристапот и нивната борбеност и желба за успех која ја искажаа во сите борби со најквалитетните каратистки од сите балкански држави – истакна Петар Заборски, тренер на „Макпетрол“.


