Соларната сонда Паркер успешно го „допре“ Сонцето. Се приближи до најблиската ѕвезда на само 6,1 милиони километри, летајќи низ надворешната атмосфера наречена корона на 24 декември, а денес конечно испрати сигнал дека го преживеал тој лет, соопшти американската вселенска агенција НАСА.
Сондата Паркер постави и нов брзински рекорд (кој и самата го држеше) – се движеше со брзина до 692.000 километри на час. Ова го потврди статусот на најбрзиот објект направен од човек.
За време на летот низ короната, сондата издржа температури до 982 Целзиусови степени, се вели во соопштението на НАСА.
– По рекордно приближување до Сонцето, сондата Паркер Солар на НАСА испрати сигнал до Земјата што укажува дека е во добра состојба и нормално функционира – објави американската агенција.
Сондата летала во автономен режим и била надвор од зоната за комуникација со Земјата, а дури на полноќ Паркер испратил сигнал за контрола кој го потврдил успехот на мисијата. Научните податоци собрани за време на летот ќе пристигнат на Земјата само во наредните денови, а ќе биде потребно време да се анализираат.
Parker Solar Probe has phoned home!
— NASA Sun & Space (@NASASun) December 27, 2024
After passing just 3.8 million miles from the solar surface on Dec. 24 — the closest solar flyby in history — we have received Parker Solar Probe’s beacon tone confirming the spacecraft is safe. https://t.co/zbWT7iDVtP
Паркер Солар беше лансиран во август 2018 година како дел од седумгодишната мисија за понатамошно проучување на Сонцето и предвидување на временските настани во вселената кои би можеле да влијаат на животот на Земјата. Името го носи по Јуџин Паркер, американски соларен физичар, кој почина во 2022 година на 95-годишна возраст.
Како што велат некои научници, кога растојанието помеѓу Сонцето и Земјата би било како фудбалско игралиште, сондата Паркер би се нашла во петерецот на ѕвездата најблиска до нас.
Научниците се надеваат дека конечно ќе откријат зошто Сончевата корона е стотици пати потопла од површината, како и што ги придвижува сончевите ветрови.
Претходниот рекорд за брзина на сондата Паркер беше 635.266 километри на час. Ако вселенското летало на Земјата би имало ваква брзина, би можело да направи 15 кругови околу планетата за еден час или да лета од Њујорк до Лос Анџелес за нешто повеќе од 20 секунди.