16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапувањето на рибата ги загрижува граѓаните - лососот најскап, осличот на попуст

Поскапувањето на рибата ги загрижува граѓаните – лососот најскап, осличот на попуст

Граѓаните годинава се соочуваат со значително поскапување на рибата, што особено се чувствува во пресрет на големите празници како Свети Никола.

Цените се зголемени и до 30 отсто во споредба со лани, а најголем скок има кај филетираните сорти, каде рекордер е лососот, чија цена достигнува и до 1.000 денари за килограм. На спротивниот крај на ценовниот спектар е смрзнатиот ослич, кој поради новогодишната акција, моментално се продава по прифатлива цена од 150 денари за килограм.

Марко Трајковски, сопственик на рибарница во Скопје, вели дека продажбата на риба значително се зголемува во овој период.

„Во текот на целата година имаме постојани муштерии, но во декември работиме и по 12 часа дневно. Поради празникот Свети Никола, продавањето риба буквално експлодира – речиси половина од годишниот промет го правиме сега. Но, цените се високи и луѓето се жалат, а ние не можеме да ги спуштиме бидејќи и набавката е многу поскапа“, објаснува Трајковски.

Експертите сметаат дека покачувањето на цените на рибата е резултат на глобалните фактори.

Ведран Кузмановски, економски аналитичар, објаснува дека транспортните трошоци, поскапувањето на горивата и намаленото производство на одредени видови риба значително влијаат врз цените.

„Лососот, на пример, се увезува од Норвешка и од другите северни земји. Со секое покачување на меѓународниот транспорт, автоматски растат и цените тука. За поевтините видови, како осличот, дистрибутерите често прават акции за да привлечат клиенти, но генерално, куповната моќ на граѓаните е загрижувачка“, вели Кузмановски.

Во едем скопски пазар, на тезгата на Зорица Јовановска, можеше да се забележи голема разлика во интересот на граѓаните.

„Луѓето најмногу бараат крап и пастрмка за Свети Никола. Лососот е прескап за повеќето, а и јас не нарачувам големи количини бидејќи ми стои и по неколку дена. Осличот најмногу оди – со акциските цени е најдостапен“, посочува таа.

Анкетираните граѓани се поделени околу изборот на риба.

 За Вера Петровска, која слави Свети Никола, подготовката е предизвик.

„Најдов крап по 350 денари за килограм, но во споредба со лани е многу поскапо. Ако не нарачаш навреме, остануваш со помалку квалитетна риба или мора да се решиш за смрзната“, ни изјави Вера.

Од друга страна, Маријан Стојанов, кој не слави, но редовно купува риба, вели дека цените го натерале да ја намали потрошувачката.

„Порано јадевме риба барем еднаш неделно, но сега тоа е луксуз. Лососот не го ни погледнувам. Најчесто земаме ослич или скуша, ама и тие поскапеа“, објаснува Стојанов.

Според податоците од трговците, цените на рибата ќе продолжат да варираат до крајот на празниците, кога побарувачката полека се намалува.

Празниците ќе поминат, но прашањето што останува е колку семејства ќе можат да ја задржат рибата како редовен дел од своето мени во овие сè потешки економски услови.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП