Пласманот на Стефан Стојановиќ на првата позиција на Светската младинска лига во Венеција е јубилеј за карате клубот „Макпетрол“. За скопската екипа ова е успех од особено значење затоа што е 50 одличје освоено на најсилните натпреварувања организирани од Светската карате федерација (WKF). Овие медали се од највисоко рангирани натпревари: светски златни лиги, светски премиер карате лиги, светски купови за млади и светски премиер лиги, серија А. натпревари.
Во витрините на карате клубот „Макпетрол“ досега има 11 златни, 13 сребрени и 26 бронзени медали. Импозантните статистики со право го ставаат овој спортски колектив како историски најтрофеен и најуспешен македонски карате-клуб. Ако на тоа се додадат седум освоени медали од официјални светски шампионати и 18 медали од Светските универзитетски првенства, тогаш скопската екипа има вкупно 75 одличја со префиксот „светски“.


