22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрво гледаме во цената, а потоа во производот – скапотијата ни ги...

Прво гледаме во цената, а потоа во производот – скапотијата ни ги промени навиките

Соочени со високите цени на основните прехранбени производи, граѓаните сè почесто го заменуваат квалитетот на храната со поевтини алтернативи.

Путерот станува маргарин, кашкавалот – сирење или урда, а печеницата – паризер или некоја евтина салама.

Поради инфлаторните притисоци и неизвесноста на пазарот, дури и семејствата со повисоки примања се приморани да внимаваат што ставаат во своите кошнички.

„Порано можевме да купиме неколку вида кашкавал, да избереме квалитетни сувомесни производи, но сега сме принудени да одбираме само еден вид, и тоа најевтиниот“, вели Кристина Каровска, домаќинка од Скопје.

Оваа реалност ја делат многумина, кои наместо да одбираат врз основа на квалитет, денес ја гледаат само цената.

Економските експерти потврдуваат дека ваквото однесување е директен резултат на високиот трошок на живот.

Тие забележуваат дека граѓаните сѐ повеќе се ориентираат кон цената на производите, игнорирајќи го нивниот квалитет.

„Ценовната инфлација ја намалува куповната моќ на граѓаните. Тие сега повеќе се грижат за тоа како да ја наполнат својата кошничка со што помалку пари, наместо да се грижат за тоа дали храната што ја купуваат е здрава и квалитетна“, објаснуваат експертите.

Според нив, ова е очекувана реакција кога цените на храната растат, додека платите остануваат речиси непроменети.

Дополнително, семејствата со пониски примања уште потешко се справуваат со овој притисок.

Многу од нив веќе не можат да си дозволат ниту кашкавал, па го заменуваат со урда или со поевтино тврдо сирење.

Поради сè повисоките цени на млечните производи, растителните алтернативи како растителниот кашкавал и маргаринот сè повеќе добиваат на популарност.

Овие производи, иако се поевтини, неретко не ги исполнуваат здравствените стандарди на квалитет, што може да има долгорочни последици за здравјето на населението.

Во вакви околности, економските мерки за намалување на цените и поддршка на ранливите категории стануваат клучни за заштита на животниот стандард, па останува да се види дали владината мерка „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ ќе даде резултат.

Трошоците за живот растат побрзо од примањата, што дополнително го оптоварува секојдневниот живот на граѓаните и ги менува нивните приоритети – од грижа за квалитетот кон барање на најевтините алтернативи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП