Раководството на ПСЖ е решено да го засилат тимот со квалитетен фудбалер. Лоран Блан и неговите помошници имаат голема листа на фудбалери кои ги посакуваат, но неспорно цел број еден е Пол Погба од Јувентус.
Францускиот репрезентативец има извонредна сезона во дресот на „бјанконерите“, па поради тоа секојдневно неговото име се поврзува со трансфер во некој од најбогатите тимови. Дополнителен плус за евентуална зделка е неодамнешна изјава на Погба. Младиот Французин призна дека од дете е навивач на ПСЖ и за него би било исклучителна чест, ако некогаш заигра на „Паркот на принцовите“.
Првите луѓе на клубот се решени на се, за да ја остварат својата цел, па француските шефови се подготвени на размената. Во следниот преоден рок, тие планираат да го понудат италијанскиот репрезентативец Марко Верати плус доплата за да го обезбедат потписот на Погба.
Пред една сезона, Верати беше посакуван, токму од „старата дама“, но на крајот тој ги избра милионите на ПСЖ.
Во моментов, раководството на Јувентус не е согласно да се раздели со Пол Погба, туку тие дури и ќе се обидат да му понудат нов договор со многу подобри параметри.