Извршниот директор на „Logitech“ Ханеке Фабер неодамна зборуваше за можноста за продажба на „маус“ што клиентите би можеле да го користат „засекогаш“.
Таа додаде дека „Logitech“ би можел да понуди таков „маус“ во не толку далечна иднина, а неговата издржливост ќе се одржи со помош на надградби на софтверот, можеби преку модел на претплата.
„Зошто би го фрлил мојот ‘маус’ ако е квалитетен?
Во подкастот на „The Verge’s Decoder“, Фабер рече дека тимот на „Logitech Innovation Center“ ѝ го покажал т.н. „вечен маус“ и го спореди со убав, но не прескап часовник: „Не би фрлил таков часовник. Па зошто би го фрлил мојот ‘маус’ или тастатура ако е квалитетен, добро дизајниран и има софтверска поддршка? Вечниот ‘глушец’ е една од работите што би сакале да ги произведеме“.
Иако „Logitech“ не објави конкретни планови за издавање на таков производ, Фабер изрази оптимизам за идејата за „маус“ што луѓето никогаш нема да мора да го заменат. Како најголем предизвик таа го истакна производството на ваков „маус“, чиј хардвер не е претерано скап. Фабер рече дека просечната цена на „глувчето“ е 26 долари (околу 24 евра), но таа не кажа колку може да чини „вечниот маус“. Но, таа рече дека е можно „глувчето“ да биде на претплата.
Доставувањето ажурирања на софтверот ќе бара „Logitech“ да ги убеди своите клиенти да користат апликација за да го контролираат „маусот“. Таквиот софтвер може да понуди многу можности за програмирање, но на корисниците може да им пречи постојаното работење на софтверот, што би ги потрошило ресурсите на компјутерот. На пример, корисниците веќе се пожалија кога „Logitech“ додаде двигател „ChatGPT“ на своите периферни уреди.