Дали некогаш го исклучувате телефонот? Ако одговорот е не, треба да го промените тоа и да го исклучувате и вклучувате телефонот барем еднаш неделно.
Ова е само една од препораките на американската Агенција за национална безбедност (НСА), која објави уште голем број совети за корисниците на паметни телефони кои треба да ги заштитат од хакерски напади и малициозен софтвер.
Паметен телефон може да биде погоден од низа безбедносни закани, од фишинг до малициозен софтвер до шпионски софтвер.
Еден начин да се заштитите од напади што може да го заразат вашиот уред без никаква интеракција од ваша страна е периодично да го исклучувате и потоа повторно да го вклучувате телефонот, барем еднаш неделно. Оваа едноставна акција може да им отежне на хакерите да украдат информации од вашиот телефон, иако НСА предупредува дека тоа нема секогаш да спречи напад.
Покрај исклучувањето на телефонот, НСА советува редовно да ги ажурирате апликациите и оперативниот систем за да ги добивате најновите безбедносни закрпи.
Инсталирајте апликации само од официјални продавници, како што се „Apple App Store“ или „Google Play Store“.
Освен ако немате добра причина да го направите тоа, не отворајте врски и прилози во е-пошта и пораки, бидејќи ова се вообичаени начини за лансирање малициозен софтвер.
Внимавајте на јавните „Wi-Fi“ мрежи и избегнувајте ги кога е можно.
Исклучете го „Bluetooth“ кога не го користите за да спречите други уреди да се поврзат и да пристапат до вашиот телефон.
Користете силна лозинка за да го отклучите телефонот или уште подобро, користете биометрика за да го отклучите телефонот со скенирање на лицето или отпечатокот од прст.
Користете само оригинални кабли и полначи за телефон од доверливи производители и избегнувајте јавни USB станици за полнење.
Исклучете ги услугите за локација кога не се потребни.
„Заканите за мобилните уреди се сè поприсутни и се зголемуваат по обем и сложеност. Мобилните корисници сакаат целосно да ги искористат предностите на тие уреди, но многу функции кои обезбедуваат удобност ја жртвуваат безбедноста“, се вели во препораките на НСА.