Македонците го обожаваат гравот и сите негови здравствени придобивки одамна се познати бидејќи тој е една од основните намирници во исхраната на најдолговечните луѓе во светот. Сепак, црниот грав е помалку познат и употребуван на нашите простори, кој исто така може многу да направи за нашето здравје.
На веб-страницата GoodNet.org пишуваат зошто почесто да јадеме црн грав, кој во продавниците обично чини околу 100 денари за пакување од 400 грама. Притоа, најчесто не се готви на големо како класичниот грав, туку почесто се додава во јадења, на пример, тортиљи или мексикански салати, а може да биде и одличен прилог.
Богат со хранливи материи
Само една шолја црн грав содржи 15 грама протеини, што го прави одличен избор за вегетаријанци и вегани. Содржи и 15 грама влакна.
Овој грав е извор и на многу витамини и минерали – има 64 проценти од дневната препорачана доза на фолати и високи количини на бакар, тиамин, манган, магнезиум, железо и селен.
Полн со антиоксиданси
Црниот грав е исто така добар извор на антиоксиданси. Тие му помагаат на телото да се бори против оксидативниот стрес и да се заштити од хронични здравствени состојби како што се срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и некои видови на рак. Црниот грав содржи значителен број полифеноли – особено антоцијани кои му ја даваат темната боја – и флавоноиди кои го спречуваат ракот.
Одличен за здравјето на срцето
Бидејќи црниот грав е полн со влакна и не содржи холестерол, тие помагаат во одржување на здравјето на срцето. Влакната помагаат да се намали количината на холестерол во крвта, а витамините во црниот грав може да го спречат таложењето на хомоцистеин кој може да ги оштети крвните садови. Кверцетинот во црниот грав, исто така, игра улога во спречувањето на високиот холестерол.
Добар избор за дијабетичари
Храната богата со влакна е добра за дијабетичарите бидејќи ја намалува гликозата, а црниот грав е таква храна.
Една студија покажа дека антоцијаните во црниот грав помагаат во отпорноста на инсулин и можат да го намалат шеќерот во крвта.
Црниот грав е добар за дијабетичарите бидејќи не предизвикува скок на шеќерот во крвта.
Го заштитува здравјето на очите
Антиоксидансите во црниот грав се добри за здравјето на очите бидејќи можат да помогнат во забавување на развојот на очните болести како катаракта и да ги заштитат очите од оштетување на сонцето.