Грижата за вработените и постојаното унапредување на условите за работа, како клучни стратешки цели на „Алкалоид“, се препознаени и афирмирани и од стручните здруженија од областа на безбедноста и здравјето при работа.
По повод одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 април, под мотото „БЗР од мали нозе – за идните генерации“, „Алкалоид“ се здоби со две признанија, и тоа за најдобар правен субјект кој реално и стручно придонел во сопствениот развој инвестирајќи/имплементирајќи добри практики во безбедни и здрави работни места за своите вработени и за правен субјект кој најмногу инвестирал во безбедноста и здравјето на своите вработени.
Во рамките на настанот, кој беше организиран под покровителство на стручните здруженија од областа на безбедноста и здравјето при работа (Здружението за заштита при работа на Општина Битола, Здружението за безбедност при работа „28 Април“ – Скопје и Здружението на инженери за заштита ТУТЕЛА – Скопје), свое обраќање имаше и членот на УО на „Алкалоид“, Ќире Ицев:
„Добиените признанија се најдобар доказ за напорите што ги вложува ’Алкалоид’ во градењето безбедна и здрава работна средина. Ова за нас претставува мотив повеќе и во иднина да продолжиме со напорна работа и со надминување на предизвиците преку континуирано унапредување на воспоставениот систем за безбедност и здравје при работа и преку примена на светски етаблираните практики, кои се со цел заштита на вработените“, истакна Ицев.
„Алкалоид“ како компанија во чиј фокус се луѓето пред сѐ останува посветена на процесот на континуирана надградба на безбедна и здрава работна средина за сите вработени, изведувачи и посетители. Системот за управување со безбедноста и здравјето при работа, како и примената на највисоките стандарди се вградени во изведувањето на секојдневните операции и активности.
Континуираното вложување во унапредување, осовременување и во примена на етаблираните светски практики има цел превенција, намалување и отстранување на ризиците на секое работно место.