21 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАНаскоро секоја батерија ќе мора да има „пасош“

Наскоро секоја батерија ќе мора да има „пасош“

На 18-ти февруари почна да се применува Регулативата на Европскиот парламент и Советот на ЕУ за батериите.

Целиот животен циклус на сите батерии пласирани на пазарот на ЕУ е регулиран во еден правен инструмент – од ископ на суровини до дизајн, производство, маркетинг, употреба и на крајот управување со отпад.

Регулативата се однесува на сите категории на батерии, без разлика на нивната форма, тежина, дизајн, состав на материјалот, хемиски својства, употреба или намена, а се работи за правила поврзани со ограничувања на супстанции во батериите, одржливост, ефикасност, издржливост и безбедност.

Регулативата пропишува задолжителни информации за батериите за крајните корисници и економските субјекти, земајќи го предвид јаглеродниот отпечаток од производството на батерии, етичкото снабдување со суровини и безбедноста на снабдувањето, со цел да се олесни повторната употреба, пренамена и рециклирање на батериите.

Исто така, пропишано е формирање на регистар на производители за следење на усогласеноста со барањата за управување со отпадни батерии, како и минимални барања за проширена одговорност на производителите, собирање и преработка на отпадни батерии.

Се нагласува дека Регулативата утврдува и барања за „зелена јавна набавка“ на батерии или производи во кои се вградуваат батерии.

За батерии за електрични возила, индустриски батерии на полнење со капацитет од повеќе од 2 kWh и батерии за лесни возила, Регулативата предвидува обврска да се состави декларација за јаглероден отпечаток за секој модел на батерија по погон.

Пропишани се и обврските во однос на целите за собирање за земјите-членки на ЕУ, како и во однос на ефикасноста на рециклирањето и употребата на материјали за субјектите за рециклирање.

Почнувајќи од 18-ти февруари 2027-ма година, секој акумулатор за лесни возила, индустриски акумулатор со капацитет поголем од 2 kWh и акумулатор за електрично возило мора да има „пасош“, кој ќе ги содржи сите информации за моделот на батеријата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП