Главниот град на Црна Гора од 23 до 25 февруари ќе биде домаќин на Балканското карате-првенство, а осум членови на „Макпетрол“ ќе бидат меѓу натпреварувачите. Во Подгорица ќе учествуваат спортисти од 13 држави кои што ќе се соочат во машка и во женска сениорска конкуренција. Вкупно се пријавени 298 учесници.
Конкуренцијата на Балканското првенство е навистина силна. Пропозициите за учество дозволуваат да бидат пријавени најелитните и најдобро рангирани четири спортисти од секоја држава во секоја категорија. Сите каратисти на „Макпетрол“ првично ќе настапат во поединечна конкуренција во своите тежински категории и потоа поголемиот дел од нив ќе бидат дел од екипните тимови на македонската репрезентација во дисциплината борби (кумите).


