Симона Заборска од карате клубот „Макпетрол“ се пласира на седмата позиција на турнирот од светската премиер лига, Серија А, што се одржа во Ларнака, Кипар. Претставничката на скопскиот клуб беше меѓу 946 натпреварувачи од 83 држави што се бореа за највисоките признанија.
Заборска во елиминацискиот дел забележи три убедливи победи, а во осминафиналето заработи тешка повреда на носот на пет секунди пред крајот со Ксенија Дрончанка од Полска. По ова, македонската натпреварувачка доби лекарска забрана да ги продолжи борбите. Нејзината противничка во четвртфиналето Мирна Атија од Египет се пласира во финалето, но забраната за настап ја ограничи Заборска и таа на крајот го зазеде високото седмо место во конкуренција на 96 спортистки во категоријата под 55 килограми.

