Во 2018 година компанијата Тесла неправедно исплатила 56 милијарди долари на својот извршен директор Илон Маск, одлучи судот во американската сојузна држава Делавер, наведувајќи дека станува збор за „неразбирлива сума“ која е неправедна кон акционерите.
Пресудата значи дека Маск не може да го задржи споменатиот пакет за компензација, но сепак има право на жалба на пресудата, пишува TechCrunch.
Судијата Кетлин Мекормик во образложението на пресудата напиша дека компанијата Тесла „го понесе товарот да докаже дека планот за компензација е праведен“, но дека не успеала да го убеди судот дека споменатата отштета е соодветна.
Директорите на Тесла за време на судењето тврдеа дека компанијата му платила на Маск голема сума за да се осигура дека еден од најдинамичните светски претприемачи ќе продолжи да биде посветен на компанијата, пренесува Би-Би-Си.
Судијата Мекормик, сепак, изјави дека адвокатите на Тесла и Маск не можеле да докажат дека акционерите ги имале сите достапни информации при гласањето и дека самиот Маск имал „цврсти врски“ со луѓето кои биле задолжени да преговараат во име на Тесла.
„Тешко е да се оправда ваква трансакција со оглед на тоа што судијата откри дека Маск има контрола над одборот на директори на Тесла“, коментира професорот на Правниот факултет во Бостон, Брајан Квин.