28 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАНАСА објави неверојатна фотографија од Уран: Може да се видат прстените, бурата,...

НАСА објави неверојатна фотографија од Уран: Може да се видат прстените, бурата, месечините…

Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) неодамна сними неверојатна фотографија од Уран, каде што можеме да ги видиме неговите правливи прстени, бурите кои беснеат низ атмосферата и поларната капа. НАСА сега објави подобрена верзија на сликата, со повеќе бранови должини, на која може да се видат и некои од 27-те месечини на Уран.

Треба да се има на ум дека е многу тешко да се видат прстените околу Уран со повеќето телескопи бидејќи се состојат од темни карпи и прашина, кои рефлектираат многу малку сончева светлина. Пред JWST, само два телескопа директно ги сликаа; еден на вселенското летало Војаџер 2 во 1986 година и опсерваторијата Кек на Хаваи.

Но, JWST е посебен уред. Станува збор за револуционерен инфрацрвен вселенски телескоп од девет милијарди долари, кој е сто пати почувствителен од телескопот Хабл. Го набљудува просторот главно во инфрацрвениот спектар, поради што може да навлезе низ „темните“ облаци од гас и прашина. Хабл работеше првенствено на оптички и ултравиолетови бранови должини.

Невреме во атмосферата

На новообјавената фотографија, заедно со прстените, можеме да видиме и 14 од 27 природни сателити кои орбитираат околу ледениот џин: Оберон, Титанија, Амбриел, Јулија, Пердита, Розалинд, Пак, Белинда, Дездемона, Кресида, Ариел, Миранда, Бјанка и Портија.

Импресивна е и сезонската капа на поларниот облак на северниот пол на планетата. Во близина и под јужната граница на поларната капа, можеме да видиме неколку „светли“ облаци кои веројатно биле предизвикани од силни бури во атмосферата на овој студен, синкав џин.

Кога Земјата би била голема како јаболко, Уран би бил со големина на кошарка

Уран е околу четири пати поголем од Земјата. Кога Земјата би била голема како јаболко, Уран би бил со големина на кошаркарска топка. Потребни се околу 17 часа за да се сврти околу својата оска и околу 84 земјини години за да се направи круг околу Сонцето.

Оваа планета спаѓа во категоријата ледени џинови кои, како и гасните џинови (Сатурн, Јупитер), немаат дефинирана површина. Поголемиот дел од неговата маса се состои од густа течност од „ледени“ материјали – вода, метан и амонијак. Неговата атмосфера е составена главно од молекуларен водород и атомски хелиум, плус малку метан.

Зошто Уран е син?

Метанот во горната атмосфера ја апсорбира црвената светлина на Сонцето и ја рефлектира сината светлина на нашата ѕвезда во вселената. Затоа Уран има карактеристична синкава боја. Интересно е што околу неа се вртат огромен број месечини – дури 27, а се именувани по ликовите од делата на Вилијам Шекспир и Александар Поуп.

Поради големото навалување на својата оска на ротација, од околу 98 степени, Уран ги има најекстремните сезони во Сончевиот систем. Речиси четвртина од секоја уранска година, Сонцето сјае на еден од неговите полови, додека другиот останува потопен во темна зима долга 21 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП