5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААко не ти се допаѓа, ене ти ја вратата – на некои...

Ако не ти се допаѓа, ене ти ја вратата – на некои газди „им се темни“ од исплатата на К-15

Според податоците од Државниот завод за статистика, во државава има околу 70.000 активни претпријатија, но само 42.720 од нив лани им исплатиле регрес за годишен одмор на своите работници.

Ова значи дека околу 40 отсто од компаниите не ја исполниле должноста на вработените да им исплатат К-15, кој според Општиот колективен договор во стопанството треба да изнесува најмалку 40 отсто од просекот на трите претходни просечни плати во државата.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) велат дека вкупно 353.201 работници имале К-15 повисок од 10.000 денари, 13.254 работници помеѓу 9.000 и 10.000 денари, а 33.474 работници добиле помалку од 9.000 денари по основ на К-15 во 2022 година.

Највисоки суми по однос на К-15 се исплатени во трговијата на големо со фармацевтски производи, сметководствени, книговодствени и ревизорски работи, даночно советување и други дејности.

Меѓутоа, многу вработени не се задоволни од начинот на кој работодавачите го пресметуваат и исплаќаат, односно не исплаќаат К-15.

Еден вработен во приватна фирма во Скопје, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен, нè информираше дека нему и на неговите колеги не им бил исплатен К-15 во 2022 година.

– Ние работиме за минимална плата и немаме никакви дополнителни приходи. Работодавачот не ни исплати К-15 за минатата година, а кога еден од нас го праша дали и кога ќе ни бидат префрлени парите, шефот му одговори дека фирмата има тешкотии во работата и дека не може да ни исплати К-15. Потоа му ја покажа излезната врата и му рече да си бара друга работа ако не му се допаѓа – изјави нашиот соговорник.

Овие сведоштва и податоци покажуваат дека правото на работниците на К-15 е често занемарено или злоупотребено од страна на работодавачите.

Државниот инспекторат за труд и Сојузот на синдикати апелираат до работодавачите да го почитуваат Општиот колективен договор и да ги исплатат вработените согласно нивниот работен ангажман и економската состојба на фирмата.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП