На сениорското балканско карате првенство, што во Тирана се одржа од 22 до 24 септември, членовите на карате клуб „Макпетрол“ се закитија со четири сребрени и две бронзени медали. Како дел од македонската репрезентација, Викторија Јовановска од скопски „Макпетрол“ се закити со сребрен медал. Таа е вицешампион во категоријата под 61 килограм. Петар Заборски (-75 кг.), пак, освои бронзен медал.

– На ова најсилно регионално првенство земаа учество 11 држави, а од нашиот клуб замина сениорскиот состав. Задоволни сме од постигнатото иако имаме квалитет и можности за многу поголеми резултатски постигнувања. Освоивме вкупно шест медали, од кои две во поединечна конкуренција, а четири во екипна, односно со тимовите во борби. Најдобар успех во поединечните настапи постигна Викторија Јовановска (-61 кг.) која влезе во финалето и освои сребрен медал, како и Петар Заборски (-75 кг.) , кој се закити со бронза – изјави тренерот на „Макпетрол“, Бошко Заборски.



