Фудбалските клубови кои нема да се квалификуваат за натпреварувањата на УЕФА од следната сезона ќе добиваат поголем дел од приходите од европското раководно тело, според новиот модел на дистрибуција, објавен денеска. УЕФА и Европската клупска асоцијација (ЕКА) потпишаа обновен работен договор до 2030 година што ќе „ја зајакне долгорочната стабилност и одржливиот раст на европскиот клупски фудбал“, се вели во соопштението на Европската фудбалска организација. Ова секако е убава вест за македонските клубови кои многу ретко прават големи успеси во Европа или пак воопшто не учествуваат.
Промената стапува на сила од почетокот на сезоната 2024/25, што се совпаѓа со новиот формат во Лигата на шампионите на УЕФА, Лигата на Европа и Европската конференциска лига. Според новиот модел за циклусот 2024-2027 година, седум проценти од приходите на УЕФА од трите натпреварувања ќе бидат распределени на клубовите кои не се натпреваруваат во нив, а моментно добиваат четири проценти.

