Со пристигнување на учесниците во Охрид, сместување, задолжување опрема и попладневни тренинзи, во неделата попладне стартуваше второто издание на ракометниот камп „40х20“ во Охрид. Деведесет момчиња и девојки од четири земји, на возраст од 7-17 години, следните 6 дена ќе ги до усовршуваат своите знаење во ракометната игра, ќе се дружат и забавуваат во најубавиот град на Балканот.

-„По успешно завршено прво издание, и интересот покажан преку брзо пополнување на местата предвидени за оваа година, од неделата во Охрид стартуваше второто издание, со зголемен број на учесници од повеќе земји. Кампот е поставен на начин, на кој повозрасните кампери работат на индивидуална надградба, за што се задолжени 12 тренери од земјата и странство, а оние помалите да се запознаат со ракометната игра и да се едуцираат за тимска работа, дисциплина и социјализација. Најважно беше децата сигурно да пристигнат во Охрид, да се сместат, запознаат со целиот комплекс и терените и со правилата на кампот. Како ќе одминува времето интензитетот на тренинзите и на активностите ќе се засилува. Покрај тренинзите, предвидени се предавања за нашите учесници но и тренери на кампот, прошетка по Охридското езеро и Охрид и еднодневен семинар се германскиот ракометен тренер, Фалк Фрустенберг“ – изјави Горан Ѓоргоноски, менаџер на КМГ Спорт, организатор на ракометниот камп „40х20“.






