24 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАШефот на ChatGPT пред Конгресот: Вештачката интелигенција има потенцијал да пронајде лек...

Шефот на ChatGPT пред Конгресот: Вештачката интелигенција има потенцијал да пронајде лек за ракот

Претседателот на компанијата која разви софтвер за вештачка интелигенција(AI) ChatGPT Сем Алтман денеска на сослушување пред Конгресот на САД рече дека владината интервенција е од клучно значење за да се ублажат ризиците од создавање сè помоќни системи со вештачка интелигенција на следната генерација.

„Како што напредува оваа технологија, сфаќаме дека луѓето се загрижени за тоа како таа би можела да им ги промени животите. Ние сме, исто така, загрижени“, рече Алтман, пренесе Асошиејтед прес.

За време на својот говор, покрај потенцијалните закани, тој изјави дека „вештачката интелигенција има потенцијал да најде лек за рак“, пренесе Би-би-си.

„Работиме на изградба на алатки кои еден ден може да ни помогнат да направиме нови откритија и да се справиме со некои од најголемите предизвици во светот како климатските промени и лекувањето на ракот“, рече Алтман.

ChatGPT брзо стана глобален успех од неговото лансирање во ноември, при што ривалските компании, вклучително и Google, се тркаат за објавување на сопствени верзии на чат-ботови со вештачка интелигенција.

Милиони корисници ја користат оваа алатка за да пишуваат или компонираат песни за нив, да компонираат текстови од секаков вид, од писма, рецепти до маркетинг стратегии за рекламирање и училишни и студентски задачи и семинари.

ChatGPT има пристап до огромна база на податоци на онлајн текстови, од прирачници за корисници до учебници и дигитализирани книги.

Сепак, овој софтвер за вештачка интелигенција овозможува мамење на домашните задачи, а неговото појавување предизвика загриженост во училишниот систем, поради способноста на поновите генерации на оваа алатка да ги измамат, да шират невистини и да ја прекршуваат заштитата на авторските права.

Иако нема непосредни знаци дека Конгресот ќе донесе нови правила за вештачка интелигенција, како што тоа го прават европските законодавци, загриженоста на општеството го доведе Алтман во Белата куќа.

Демократскиот сенатор Ричард Блументал, кој претседава со поткомитетот за приватност, технологија и закон на Комитетот за правосудство на Сенатот, го отвори сослушувањето со емитување на снимен говор направен од ChatGPT кој го клонира гласот на сенаторот.

„Што ако дадев поддршка Украина да се предаде на рускиот претседател Владимир Путин“, рече Блументал, објаснувајќи дека клонираниот глас на функционер може да се користи на овој начин.

Главната службеничка за приватност и доверба Кристина Монтгомери побара од Конгресот да преземе пристап за „прецизна регулатива“.

„Тоа значи воспоставување правила за регулирање на примената на вештачката интелигенција во конкретни случаи на употреба, наместо да се регулира самата технологија“, рече таа.

Почесниот професор Гери Маркус пред почетокот на судењето истакна дека човештвото создало машини кои се како „слонови во продавница за порцелан“ и дека никој не може да гарантира дека се безбедни, наведува Би-Би-Си.

„Бевме премногу бавни да реагираме кога се појавија социјалните платформи, а изборот што го правиме сега ќе има трајни последици“, рече тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП