27 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАПознати цените на серијата „Motorola Edge 40“ за Европа

Познати цените на серијата „Motorola Edge 40“ за Европа

„Motorola“ неодамна лансираше неколку смартфони со пристапни цени на меѓународниот пазар, меѓу кои „ThinkPhone“ и одличниот „Moto G72“, но сите ја чекаат премиерата на водечките модели на брендот.

Тоа најверојатно наскоро ќе се смени, бидејќи компанијата се подготвува да ја лансира серијата „Motorola Edge 40“ на глобално ниво, а додека ја чекаме официјалната премиера, некој успеал да дојде до цените на моделите „Edge 40“ и „Edge 40 Pro“ за европските пазар.

Моделот „Motorola Edge 40 Pro“ ќе биде глобална варијанта на кинескиот модел „Motorola X40“, додека „Motorola Edge 40“ е целосно нов модел.

Се очекува „Edge 40“ да доаѓа со новиот чипсет „Dimensity 8020“, кој ќе го смести во средната класа според перформансите, додека најсилниот „Edge 40 Pro“ се очекува да доаѓа со платформата „Snapdragon 8 Gen 2“. Покрај тоа, „Edge 40“ нуди 8 GB LPDDR4X RAM меморија и 128/256 GB простор за складирање UFS 3.1.

„Motorola Edge 40“ ќе има заоблен AMOLED екран, малку помал панел од 6,55 инчи (Pro ќе има 6,67 инчи). Интересна е и стапката на освежување од 144 Hz на 8-битниот панел (додека посилниот „Pro“ модел ќе има стапка на освежување од 165 Hz и 10-битен панел).

Што се однесува до системот на камера, главниот модул на телефонот „Edge 40“ е 50 MP (со OIS), а има и ултра широка камера од 13 MP, додека предната камера ќе има сензор со помала резолуција од 32 MP. За споредба, моделот „Pro“ нуди 50+50+12MP и објектив со зум 2x.

Батеријата ќе биде со средна големина од 4.400 mAh и ќе поддржува жично полнење од 68 W и безжично полнење од 15 W. „Motorola Edge 40 Pro“ доаѓа со малку поголема батерија од 4.600 mAh со полнење од 125/15 W.

Рендерите објавени од „TheTechOutlook“ и „OnLeaks“ покажуваат две од четирите бои што корисниците можат да ги очекуваат: „Eclipse Black“, „Nebula Green“, „Lunar Blue“ и „Viva Magenta“.

Поточно, двата модели што ги гледаме на рендерите имаат заден дел од веганска кожа, додека другите две бои се очекува да бидат изработени од мат акрилик.

Се чини дека рамката на двата телефона „Motorola Edge 40“ ќе биде изработена од алуминиум, додека сè уште не знаеме какво заштитно стакло ќе користат на екранот. Сепак, двата модели ќе имаат IP68 отпорност на прашина и вода.

Според непотврдени информации, основниот модел „Motorola Edge 40“ од 8/128 GB ќе чини 600 евра, додека премиум верзијата „Edge 40 Pro“ ќе чини 900 евра.

За споредба, „Edge 30“ и „Edge 30 Pro“ чинеа 450 и 800 евра за време на презентацијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП