27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата се фали дека изминатото деноноќие ЕСМ не купила струја, а помошта...

Владата се фали дека изминатото деноноќие ЕСМ не купила струја, а помошта за фирмите се уште виси

Владата преку соопштение се пофали дека изминатото деноноќие државната ЕСМ не купила струја, туку целата електрична енергија за домаќинствата и малите компании доаѓала од домашните капацитети. 

„АД ЕСМ на 23.10.2022 година произведе 10.709 MWh електрична енергија. Во Термоелектраните произведени се 6.896 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 3.813 MWh. АД ЕСМ во изминатото деноноќие целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети“, велат од владата.

И додека преку соопштенија државата се фали, комапниите очекуваат државна помош, која владата и стопанствениците ја гледаат низ различна призма. Дел од компаниите пак, се одлучиле и на друг начин, преку фирми-ќерки да влезат на регулираниот пазар, над 10.000 компании веќе го сториле тоа, што според надлежните, треба да биде проверено од страна на инспекциските служби, бидејќи го класифицирале како несоодветно.

Регулаторната комисија за енергетика за овој проблем се јави со став преку допис до една национална телевизија, наместо преку допис до сите медиуми. Од таму велат дека на овој начин, фирмите можат да направат системски проблем, но и да влијаат врз цената за домаќинствата.

Но, регулаторите беа и против дел од општинските претпријатија но и училиштата да поминат на регулираниот пазар, нешто за што претходно известуваше Денар. (Ќе извисат ли училиштата – Власта и РКЕ со дијаметрално различни ставови како да им обезбедат поевтина струја (denar.mk)) И тогаш како и сега, посочуваа дека овој чекор би ја преоптоварил мрежата и би значел повисоки цени за домаќинствата.

Дел од фирмите пак, брифираат дека овој чекор следува бидејќи се уште чекаат одговор од владата, како ќе стигне државната помош до нив, бидејќи на нешто повеќе од еден месец пред крајот на годината, веќе почнува грејната сезона, а цената на струјата се очекува нагло да се качи и за компаниите да достигне и до 1.000 евра за мегават час. 

Стопанските комори пак, на неколку пати алармираа дека доколку не се донесат мерките кои ги бараат, ќе се случи многу граѓани да останат без работни места, но и затворање на комапнии, што директно ќе влијае врз Бруто домашниот производ. Потсетуваат и дека токму како еден од владините приоритети објавени на веб страната на владата е наведена поддршка на домашните компании, во што е наведено и дека „ќe се создаде здрава и предвидлива деловна клима, без политички притисоци и репресии“. (Поддршка на домашните претпријатија | Влада на Република Северна Македонија (vlada.mk)).

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП