25 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАГодинава ќе бидат фрлени 5,3 милијарди телефони

Годинава ќе бидат фрлени 5,3 милијарди телефони

Годинава ќе бидат фрлени 5,3 милијарди мобилни телефони, беше наведено на Меѓународниот форум за отпадна електрична и електронска опрема (WEEE), пренесува „BBC“.

Проценката, базирана на податоци за глобалната трговија, го истакнува растечкиот еколошки проблем со „е-отпадот“.

Многу луѓе чуваат стари телефони наместо да ги рециклираат, покажува истражувањето.

Вредните минерали кои не се извлекуваат од отпадната електроника, како што се бакарот во жиците или кобалтот во батериите, мора правилно да се отстрануваат.

„Луѓето обично не сфаќаат дека сите овие навидум безначајни работи имаат голема вредност и заедно претставуваат огромни количини на глобално ниво“, изјави извршниот директор на „WEEE“, Паскал Лерој.

Се проценува дека во светот има околу 16 милијарди мобилни телефони, а во Европа речиси една третина повеќе не се користат.

Истражувањето на „WЕЕЕ“ покажува дека „планината“ на електричен и електронски отпад, од машини за перење и тостери до таблет компјутери и уреди за Глобалниот систем за позиционирање (GPS), ќе порасне на 74 милиони тони годишно до 2030-та година.

На почетокот на оваа година, Кралското здружение за хемија започна кампања за промовирање на експлоатација на е-отпад за производство на нови производи, нагласувајќи го глобалниот конфликт, вклучително и кризата во Украина, која ги загрозува синџирите за снабдување со благородни метали.

„Овие уреди нудат многу важни ресурси кои можат да се користат во производството на нови електронски уреди или друга опрема, како што се турбини на ветер, батерии за електрични автомобили или соларни панели“, посочува Магдалена Хаританович од „WEEE“.

Нешто повеќе од 17 отсто од светскиот е-отпад правилно се рециклира, но Меѓународната унија за телекомуникации на Обединетите нации постави цел од 30 отсто до следната година.

Во Обединетото Кралство, повеќе од 20 милиони неискористени, но работни електрични предмети, во вредност од дури 5,63 милијарди фунти, моментално се наоѓаат во домовите во Велика Британија, според истражувањето на „Material Focus“.

Исто така, пресметано е дека просечното домаќинство во Велика Британија може да продава несакана технологија и да собере околу 200 фунти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП