Реал Мадрид уште еднаш покажаа дека се „кралеви“ на европскиот фудбал, откако на „Олимпискиот стадион“ во Хелсинки со 2:0 го совладаа шампионот од Лига Европа, Ајнтрахт Франкфурт за да се израмнат со Барселона и Милан со пет титули на Европскиот Суперкуп на УЕФА.
По фантастичната сезона 2021/22 во која ја освоија шпанската круна, и стигнаа до неверојатната 14. европска титула со победа над Ливерпул во финалето, тимот на Карло Анчелоти пристигна во Финска со желба за уште еден трофеј во неверојатната колекција. Против себе го имаа тимот кој лани ги шокираше сите со фантастичниот пат до титулата во Лига Европа, но кој минатиот викенд ја започна сезоната со 1:6 пораз од Баерн Минхен.

