12 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАЛетечкиот автомобил станува реалност

Летечкиот автомобил станува реалност

Според експертите, добиениот сертификат за летање го отвора патот за производство. Возачот на летечкиот автомобил мора да поседува и летачка дозвола.

Автомобил кој од патно возило може да се претвори во авион за две минути и 15 секунди доби потврда од Словачката сообраќајна управа дека може да лета, јавуваат светските медиуми. Оваа дозвола е издадена по безбедносните тестови кои траеле 70 часа и 200 полетувања и слетувања на необичното возило, а тоа значи дека „летечкиот автомобил“ сега е чекор поблиску до продажба. Сепак, иако компанијата „Klein Vision“, која е креатор на овој изум, доби сертификат за пловидбеност, на оние кои ќе возат „летечки автомобил“ ќе им треба и дозвола за летање.

Кон средината на минатата година стручњаците на споменатата компанија почнаа да го тестираат нивниот изум и да подготвуваат производство на поголем број од овие возила. Станува збор за хибриден авионски „авиомобил“ опремен со мотор „БМВ“ кој користи конвенционално гориво и има бензинска пумпа. Возилото може да достигне брзина од повеќе од 160 километри на час и да лета на височина од околу 2.500 метри, наведува Би-Би-Си.

„Добиениот сертификат ја отвора вратата за масовно производство на многу ефикасни летечки автомобили. Тоа е официјална и последна потврда за нашата способност засекогаш да го промениме начинот на патување на средни растојанија“, вели професорот Стефан Клајн, креаторот на „летечкиот автомобил“.

Во јуни минатата година „летечкиот автомобил“ успешно го заврши 35-минутниот лет меѓу меѓународните аеродроми во Нитра и Братислава, Словачка. Потоа, компанијата „Klein Vision“ изјави за Би-Би-Си дека планираат лет меѓу Лондон и Париз.

Д-р Стив Рајт, виш научен советник за авиони и системи за авиони на Универзитетот во Западна Англија, рече дека веста за дозволата е добар чекор за компанијата и дека тој е внимателен оптимист дека еден ден ќе види повеќе „летечки автомобили ” во воздухот. Сепак, тој верува дека до тој момент ќе помине многу време.

И други компании ширум светот прават прототипови на летечки возила кои би биле наменети за пократки дестинации и значително би го олесниле движењето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП