Натпреварувачите на карате клубот „Макпетрол“ викендов во Гостивар имаа извонредно енергичен и убедлив настап на македонскиот младински државен шампионат. Во девет пријавени категории тие имаа седум финални меча и освоија исто толку златни и две бронзени медали. На тој начин екипата беше најуспешна меѓу 46 клупски и 224 индивидуални учесници на првенството што има изборен карактер за влез во нашата репрезентација која што во февруари 2022 година ќе биде дел од европскиот шампионат во Прага.
– Задоволни сме од настапот на нашите млади каратисти и од постигнатиот резултат на ова државно првенство. За овој шампионат работевме и се подготвувавме навистина сериозно. Бевме силно мотивирани и демонстриравме модерно олимписко карате. За нас како клуб, приоритетно е дека докажаните репрезентативци во борбите и двата дена, односно првиот ден кога станаа државни шампиони, и вториот ден кога се одржаа борбите од плејофот ги потврдија своите квалитети и влегоа во националниот тим – истакна тренерот Петар Заборски.





