Манчестер јунајтед и Арсенал во минатото играа мечеви за титула кои секогаш изобилуваа со голови, акција и возбуда, а навивачите на двата гиганти чија форма, за жал, во последните години се во надолна линија, се потсетија на тие славни денови во уште едно класично дерби, кое овојпат заврши со 3:2 победа за Јунајтед благодарение на 800. и 801. гол во кариерата на Кристијано Роналдо.
Со новиот тренер Ралф Рангник на трибините (додека не ја среди визата пред неделниот меч со Кристал палас), фановите на „Олд Трафорд“ не можеа да посакаат полош старт – Арсенал во 13. минута стигнаа до водство преку Емил Смит-Роув во еден од најбизарните голови во историјата на Премиерлигата. По корнерот на „топчиите“, Фред го нагази својот голман Давид де Хеа, кој падна повреден на тревата, а Смит-Роув од далечина ја смести топката во голот. Судијата Мартин Еткинсон прво го поништи голот, но по прегледувањето на ВАР снимките тој беше признаен.

