Со четири сребрени и две бронзени медали се закитија каратистите на клубот „Макпетрол“ на Балканското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори што викендов се одржа во Риека. Претставниците на екипата од Скопје, што се дел и од македонската репрезентација, беа дел од собирот на којшто учество зедоа 13 држави и 731 натпреварувачи.
– Задоволни сме од настапот на нашите каратисти кои ги бранеа боите на Македонија на ова елитно регионално натпреварување. Балканот е најквалитетен регион во светската карате-федерација и затоа тешко е да се освои медал, има навистина голема и квалитетна конкуренција. Можевме да постигнеме и повеќе во поединечните настапи на нашите каратисти, но за освојување на медал одлучуваа моменти. Генерално сме задоволни од нашиот настап, направивме одлична контрола пред државното првенство што треба да се одржи следниот викенд и ќе има изборен карактер за влез во репрезентацијата на следното европско првенство што ќе се одржи во Прага – изјави тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски.



