Извршниот директор на „Levi Strauss & Co“, Чип Берг изјави за „CNBC“ дека оваа година очекува силна празнична продажба, бидејќи Американците ќе потрошат дел од парите што ги акумулирале за време на пандемијата на коронавирусот.
„Буџетите на домаќинствата веројатно одамна не биле подобри отколку што навистина биле“, рече Берг во едно интервју. „Очекуваме навистина силна празнична сезона“, додаде тој.
Тој ги даде коментарите за време на напорната недела во врска со објавувањето на новите финансиски извештаи, вклучително и оние на „Walmart“, „Macy’s“ и „Kohl’s“. Инвеститорите внимателно следат детали за тоа дали побарувачката на потрошувачите е отпорна на зголемувањата што некои трговци на мало ги наметнуваат за да ги неутрализираат инфлаторните притисоци.
Берг нагласи дека при претставувањето на извештајот на „Kohl’s“, извршната директорка на компанијата, Мишел Гас, го именувала „Levi Strauss“ како еден од брендовите што се продаваат во продавниците на компанијата, кој ужива добра продажба. Берг тврди дека неговата компанија продолжува да има корист од новите трендови кај тексасот и фактот дека луѓето треба да ажурираат дел од својата гардероба.
Најновиот финансиски извештај на „Levi Strauss“ беше објавен на почетокот на октомври. Компанијата со седиште во Сан Франциско успеа да ги надмине прогнозите на Волстрит и во однос на приходите и во однос на профитот. Од почетокот на годината цената на нејзината акција порасна за 38 отсто.