20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНовите трендови ги поддржаа резултатите на „Levi Strauss“

Новите трендови ги поддржаа резултатите на „Levi Strauss“

Производителот на тексас „Levi Strauss & Co.“ ги објави профитот и приходите за третиот фискален квартал, што ги надмина очекувањата на аналитичарите, бидејќи побарувачката на потрошувачите порасна поради новата учебна година, а купувачите сакаат да бидат во тек со најновите трендови во тексасот, пишува „CNBC“.

Цената на акциите на компанијата порасна за повеќе од 2% за време на тргувањето после работното време во Њујорк благодарение на веста.

Иако многу компании за облека се погодени од глобални проблеми со синџирот на снабдување, „Levi Strausѕ“ се справува релативно добро благодарение на разновидното производство. Помалку од 4% од глобалниот обем на стока доаѓа од Виетнам, соопшти компанијата. Тамошните фабрики беа сериозно погодени од периодично затворање за време на пандемијата.

„Нашиот синџир на снабдување е навистина извор на конкурентна предност“, рече извршниот директор Чип Берг.

Нето приходот на компанијата во третиот квартал порасна на 193 милиони долари, или 47 центи по акција, од 27 милиони долари, или 7 центи по акција, една година претходно. Со исклучок на еднократните ефекти, „Levi Strauss“ заработи 48 центи по акција. Аналитичарите очекуваа 37 центи по акција.

Приходите се зголемија за 41 отсто на 1,5 милијарди долари од 1,06 милијарди долари претходната година. Ова малку ја надминува прогнозата од 1,48 милијарди долари.

Берг тврди дека „Levi Strauss“ претрпел удар од речиси 10 милиони долари во своите приходи поради проблеми со синџирот на снабдување.

Приходите на големо пораснаа за 45% на годишно ниво, поддржани од силната побарувачка во Соединетите држави и Европа. Продажбата на крајните корисници скокна за 34% од нивото на 2020-та година, од 3% две години порано, бидејќи повеќе луѓе ги посетуваа физичките продавници на компанијата.

Дигиталните трансакции се зголемија за 10% во споредба со претходната година и 76% во споредба со две години претходно. Тие сочинуваат околу 20% од вкупната продажба на „Levi“.

Компанијата наведува дека нејзиниот профит е поддржан од фактот дека „Levi Strauss“ продава повеќе производи директно на потрошувачите по нивната целосна цена, наместо да се потпира на промоции.

Тековната пандемија сѐ уште држи затворени некои продавници низ целиот свет. „Levi Strauss“ објави дека скоро 10% од продавниците со кои управува се затворени во последниот квартал. Тие се наоѓаат главно во Азија. Околу 4% остануваат затворени, велат од компанијата.

За четвртиот квартал, „Levi“ очекува раст на приходите од 20 до 21 проценти на годишно ниво, додека аналитичарите предвидуваат 22%. Компанијата предупреди дека нејзината прогноза сугерира дека здравствената криза нема значително да се влоши.

Компанијата проценува дека заработката за тековниот квартал ќе биде помеѓу 38 и 40 центи по акција на прилагодена основа, додека аналитичарите велат дека ќе изнесуваат 40 центи по акција.

За целата година, „Levi Strauss“ очекува приспособена заработка во опсег од 1,43-1,45 долари по акција, над консензуалната прогноза на Волстрит од 1,33 долари по акција. Приходите ќе растат за 27% од година на година, според компанијата, приближувајќи се до нивоата од 2019-та година.

„Очекуваме сезоната на празници да биде многу добра“, рече Берг.

Компанијата исто така соопшти дека нејзиниот одбор одобрил нова програма за откуп на акции од 200 милиони американски долари во последниот квартал.

Вредноста на акциите на „Levi Strauss“ се зголеми за околу 21% од почетокот на годината, со што пазарната капитализација на компанијата достигна 9,76 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП