14 јули, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСаудијците го презедоа Њукасл јунајтед, навивачите слават пред „Сент Џејмс парк“

Саудијците го презедоа Њукасл јунајтед, навивачите слават пред „Сент Џејмс парк“

Њукасл јунајтед има нови сопственици откако беше склучен договор за 305 милиони фунти со досегашниот газда Мајк Ешли и договорот беше одобрен од Премиер лигата кога тие добија уверувања дека државата Саудиска Арабија нема да има директно влијание во клубот, туку тој ќе биде воден од Саудискиот државен фонд (ПИФ).

„Премиер лигата, Њукасл јунајтед и ‘Сент Џејмс холдингс’ го обезбедија преземањето на клубот од конзорциумот на ПИФ, ‘ПЦП капитал партнерс’ и ‘РБ спортс и медија’. Легалните несогласувања се надминати и сите страни се согласни дека долгата неизвесност за иднината на клубот е надмината. Премиер лигата доби легално обврзувачки уверувања дека Кралството Саудиска Арабија нема да го контролира Њукасл јунајтед ФЦ“, се вели во објавата на Њукасл.

Саудиските моќници на чело со принцот Мохамед бин Салман, со богатство од 300 милијарди фунти, речиси една година се обидуваат да го преземат Њукасл, но имаа проблеми со носителот на ТВ-правата „Беин спортс“ од Катар.

„Неговото височество Јаси ал-Румајан, гувернерот на ПИФ, ќе биде неизвршен директор на Њукасл јунајтед, Аманда Ставели ќе има место во бордот заедно со Џејми Реубен“, се вели во објавата на клубот.

Со ова се става крај на контроверзното 14-годишно владеење на Мајк Ешли со клубот и, нормално, се креваат амбициите на навивачите на Њукасл, кои мораа да издржат низа слаби сезони како тековната, во која се во зоната за испаѓање и со неизвесно место на менаџерот Стив Брус.

Њукасл сега се очекува да им биде ривал на клубовите со богати газди во Британија, како Манчестер сити и Челси, но и Пари Сен-Жермен во Франција. Навивачите очекуваат веќе во јануари да има (скапи) засилувања за тимот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП