„Facebook“ го објави својот аудио сервис сличен на „Clubhouse“, како и начин да пронајде и да слуша подкасти на платформата. Со ова, интернет гигантот прави смел чекор напред кон социјалните аудио услуги.
Лансирањето на потенцијален конкурент на „Clubhouse“ на „Facebook“ следи по експлозивниот успех на порано појавуваната услуга за аудио повици, достапна само со покани. Таа доживеа бум за време на блокадите наметнати од пандемијата на коронавирусот.
Извршниот директор на „Facebook“, Марк Цукерберг беше еден од познатите личности од Силиконската долина што се појави во апликацијата. Неодамна стана достапена за „Android“.
„Facebook“, кој тврди дека сака да го направи аудиото значаен фактор во своите платформи, им се придружува на „Twitter“ и платформата за разговор „Discord“, кои веќе ги објавија своите решенија за разговор во живо. „Spotify“ дебитираше во сопствената верзија – „Greenroom“, минатата среда. „Slack“, „LinkedIn“ (сопственост на „Microsoft“) и „Reddit“ исто така работат на слични производи.
Јавните личности и некои групи на „Facebook“ во САД кои користат „iOS“ ќе можат да создаваат простории за разговор со до 50 говорници и неограничен број слушатели. Овие корисници исто така ќе можат да ги поканат луѓето без „знак за верификација“ да зборуваат, соопшти „Facebook“ во објавата на блогот. Корисниците на „IOS“ и „Android“ можат да ги слушаат разговорите во собите.
Компанијата, која не крие за својата желба да привлече повеќе креатори на содржини, соопшти дека соработува со јавни личности, вклучително и музичари, новинари и спортисти, за лансирање на новата опција.
Слушателите ќе можат да ја испраќаат виртуелната валута од „sвезди“ до креаторите на просториите за разговор. Цукерберг тврди дека компанијата нема да собере дел од приходите на креаторите до 2023-та година.
Голем број избрани подкасти исто така ќе бидат достапни на „Facebook“ за американските слушатели.
Социјалната мрежа, која е остро критикувана затоа што не се занимава со проблематична содржина во своите производи, ќе се соочи со нов предизвик – да ги умери аудио-снимките и разговорите во живо, вклучително и во затворените групи.
Во исто време, компанијата работи на проект со „Spotify“, чија цел е споделување и слушање музика на платформата.