Манчестер сити се на чекор до своето прво финале во Лигата на шампионите, откако на гостувањето на „Паркот на принцовите“ кај Пари Сен-Жермен со пресврт стигнаа до 1:2 победа во второто полувреме, и сега ги очекува многу „поопуштен“ реванш следната недела на домашен терен.
А можеше да биде многу поинаку ако тимот на Маурисио Почетино ја искористеше својата доминација во првото полувреме за да постигне повеќе голови. Капитенот Маркињос уште во 14. минута ги донесе домаќините во водство со убав гол со глава од корнер, но потоа Килијан Мбапе, Нејмар и Анхел ди Марија не ги искористија своите шанси против реално дезориентираниот тим на Сити.

